-
07.04.2022
-
Aвтошкола Мартин
Оспособувањето на кандидат за возач е наставен процес, кој задолжително се спроведува според Наставен план и програма за обука на кандидати за возачи. Според Законот за безбедност во патниот сообраќај, обуката за секој кандидат за возач е задолжителна.
Наставниот план за обука на кандидати за возачи во автошколите, ги опфаќа следниве наставни програми:
- сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и
- управување со возило (практичен дел).
Улогата, намената и целта на теоретската настава
Преку теоретската настава кандидатот се стекнува со основните знаења по однос на сообраќајните правила и прописи, елементите од кои се состои јавен пат, сообраќајните знаци, ознаките на коловозот, светлосните сообраќајни знаци, знаците кои ги дава униформиран полициски службеник, возила под придружба и возила со право на првенство на минување, сообраќај на крстосница, дејствија со возилото во сообраќај на пат, опасности и последици од лошо извршени дејствија со возилото, негативно влијание на некои фактори за безбедноста во сообраќајот (акутни и хронични заболувања, лекови, алкохол, замор) хумани односи и етика во сообраќајот....
Освен знаењето, преку наставата кандидатот треба да изгради позитивен став и однос кон останатите учесници во сообраќајот. И тука улогата на автошколата е незаменлива.
Преку наставата, предизвик е како да се надмине основниот проблем на денешницава, како да се примени стекнатото знаење во пракса. Како да се стекне навика кај возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да научат да ги перципираат сообраќајните ситуации, да можат да ги предвидат опасностите и да знаат како да ги избегнат. Тука посебен акцент се става на развојот сообраќајната култура и потикнување на совеста на кандидатот да ги решава сообраќајните ситуации со меѓусебно почитување и толеранција. Кај кандидатот да се поттикне човечност, внимателност и обзир кон останатите учесници во сообраќајот.
Сосема е погрешен пристапот, дека во автошколата треба да се оствари само основната цел: да се добие возачката дозвола. Статистичките бројки на глобално ниво покажуваат, дека скоро половина (45%) од сообраќајните незгоди се последица од неискуството на возачите и површно помината обука.