-
09.01.2019
-
Сообраќаен информатор
Под возење во зимски услови се подразбира возење по коловоз покриен со снег и во услови на снежни врнежи.
Пред тргнување на пат во зимски услови потребно е да ги превземете следниве мерки:
-Возилото да биде снабдено со зимска опрема, односно пожелно е на сите тркала да имате зимски пневматици. Доколку немате, тогаш задолжително на погонските тркала на возилото треба да имате поставено зимски пневматици. Минималната длабочина на шарата на газечкиот слој на гумата за патничките автомобили изнесува четири милиметри, а за товарните возила и автобусите шест милиметри. Зимските пневматици ќе ги препознаете по соодветните ознаки „МS“, „M+S“, „M&S“ и „знак снегулка на стилизирана планина со три врва“.
Во задолжителна зимска опрема спаѓаат и синџири за снег, кои треба да ги имате во возилото од 15 ноември до 15 март.
-Возилото треба да го исчистите од снег и мраз, бидејки нивните остатоци на површината на возилото, лесно може да ги загрозат останатите учесници во сообраќај при движење во кривина, разминување, свртување, итн.
-Стаклата на возилата и страничните ретровизори треба да бидат добро исчистени и да овозможат добра прегледност на возачот, пред, зад и бочно од возилото. За таа цел во садот за миење на ветробранското стакло, потребно е да имате средство, течност на база на алкохол, кое ќе овозможи чистење на стаклото и спречување на понатамошно замрзнување.
Опасности кои може да ги очекувате при движење во зимски услови
-Намаленото триење помеѓу пневматиците на возилото и патната површина доведува до отежнато оддржување на правецот на движење, занесување на возилото, зголемување на патот на сопирање на возилото и тој е три до четири пати подолг во однос на сопирањето на сув коловоз, итн.
-Ненадејна појава на поледица на патот
-Намалена видливост преку ветробранското стакло, што доведува до отежнато управување со возилото
-Покриени ознаки на патот (хоризонталната сигнализација) може да го доведат во заблуда возачот, како да постапува.
Препораки за возење во зимски услови
-Основно правило при возење во зимски услови е да избегнувате нагли реакции и движења со уредите на возилото и да ја прилагодите брзината на движење кон условите и состојбата на патот.
-Оддржувајте го потребното растојание помеѓу возилата и при намалување на брзината реагирајте порано со благо и нежно притискање на педалото на работната сопирачка, за разлика кога би се движеле на сув коловоз.
-При движење на надолнина возете во помал степен на пренос со менувачот со што би постигнале моторно сопирање, при тоа избегнувајте непотребно притискање на педалото на спојката и честа употреба на работната сопирачка.
-При движење на нагорнина оддржувајте рамномерна брзина со возилото и избегнувајте безпотребно запирање, бидејки повторното тргнување со возилото ќе биде отежнато.
-Доколку не сте во можност да тргнете со возилото, поради пролизгување на тркалата, обидете се со кратки движења напред-назад, да се извлечете со возилото од снегот.
Пријатно возење!
Поврзани блог статии